Бадниковата вечер и божикното утро 200 патници од Скопје ги пречекале на велешката автобуска станица, јави Телма. Во чекалните останале 14 часа откако им било соопштено дека не можат да патуваат кон Струмица и Кочани бидејќи магистралниот пат кон Штип е завеан.
Продолжиле понатаму дури утринава во 8 часот, револтирани и гневни. Подеднакво лути на институциите се и жителите на неколку отсечени села. Блокирани се Танушевци, Брест и Малино на Скопска Црна Гора, како и Герман, Гошинце и Алешевце во Кумановско – Липковскиот регион. Без можност да излезат се и жителите на Водоврати во општината Градско, како и од Гургурница од општината Брвеница.