Секое чудо за три дена

Од:

Секое чудо за три дена. Последново од Цветници до Велигден. Иако, како што велат свештениците, самопрочистувањето на фреските продолжува, толпите народ пред Св. Димитрија ги снема.

Божјо чудо, дело на човекот или хемиски процес. Дилемите остануваат.

„Мислам дека луѓето постапуваат според поговорката – Секое чудо за три дена. Тоа не е убаво од моја страна ама тоа е тоа.

– Свети некоја светлина, нешто има, тоа е божјо чудо.

– Нормално, штом одам во црква верувам во некоја сила но, сепак ќе кажат некои лица постручни од мене. Како појава е интересно да се види и побудува интерес не само кај мене, туку и кај многумина но, ќе докажат“, велат граѓаните.

Додека свештениците повикуваат на верба во бога, од Националниот институт за конзервација молчат веќе половина месец.

Примероците од фреските и иконите во Св. Димитрија, допрва ќе се испитуваат. На молкот на институциите, експертите и по втор пат реагираат, науката веќе има одговор, но кога ќе се вмешаат и црквата и политиката, е дури тогаш се случуваат чуда.

„Кондензација на вода, влага во просторот ќе се налепи врз ѕидните површини поради разликата која што е во температурата. Ѕидот има една температура, овој златниот премаз или фолија има друга и внатре во просторот има трета. Тука се прави кондензација.

Таа кондензација кога ќе достигне еден максимум, ќе почне да тече. Што има врз ореолите или врз ѕидното сликарство? Има прав и саги кои едноставно ги брише и тоа е целата приказна“, изјави Коста Балабанов, историчар на уметноста, конзерватор.

Оттука, вели Балабанов, должност на научните институции е да го прекинат молкот и да го констатираат она што е очигледно.

„Честопати кога сме имале такви случаи, во одредени објекти, многу бргу тоа можело да се констатира бидејќи ако со прст се обидете да го избришете, ќе видите дека тоа можете да го избришете, а во овој случај по мое мислење, е употребена и некоја алатка, крпа за тоа да се светне малку повеќе, во суштина самото се исчистило. Тоа е се“, додава Балабанов.

Од друга страна пак црквата негира секаква вмешаност во наметнатите сценарија со чистење на фреските и иконите. За свештениците, случувањата во Св. Димитрија се божјо дело кое сеуште трае. Велат, ним не им требаат чуда за да веруваат во бога. Чуда требаат за скептиците кои сега ги нарекоа духовни јаничари.

„Јас како човек не им се лутам но, ми е криво и жал што наш православен народ е крстен во црква, го носи името христово, а противречи на она што е свето“, вели Зоран Стаменковиќ, протереј во СВ. Димитрија.

Иако се претпоставува дека црквата Св. Димитрија датира од средниот век, најголемиот дел од сегашните фрески биле насликани непосредно по скопскиот земјотрес.

Веќе неполна година, влезот во неа е отежнат поради градење плоштад и споменици пред објектот. Исто толку време по барање на црковниот врв, палењето свеќи во внатрешноста на храмот е забрането. Чудо или не – јавноста во очекување официјалиот одговор од конзерваторите. Оттаму – молк.

Јасмина Јакимова