Земјите од регионот се обратија со заедничко писмо до Европската комисија поради одлуката на Хрватска да го прошири списокот на овошје и зеленчук кое мора да помине фитосанитарен надзор на граница ако доаѓа од трети земји. Таа исто така ги зголеми давачките за 22 пати, па место досегашните 12 евра, сега изнесуваат 270 евра.
Во понеделник се подготвува состанок во Сараево на кој претставници на Србија, БиХ, Македонија и Црна Гора ќе ја разгледаат заедничката позиција по мерките кои ги воведе хрватската влада за зајакнат инспекциски надзор.
Хрватските власти одлуката ја образложија со намерата да ги заштитат своите потрошувачи, со детална проверка на овошјето и зеленчукот кои влегуваат во земјата. Земјите од регионот, пак, сметаат дека оваа одлука е во спротивност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација која што ја потпишале со Европската Унија.