„Водафон“ го презема „Либерти глобал“ во четири европски земји

Од:

Британскиот телекомуникациски гигант „Водафон“ ќе го преземе сопствеништвото на „Либерти глобал“ во Чешка, Унгарија, Романија и Германија. Договорот е вреден 18,4 милијарди евра.

„Водафон“ како што е соопштено, ќе го преземе „Јунајтимедија“ во Германија, како и УПЦ во Чешка, Унгарија и Романија.

Трансакцијата, како што истакнуваат од „Водафон“, ќе и помогне на компанијата да стане „водечка мрежа на следната генерација во Европа“, чиј опсег опфаќа 110 милиони домаќинства и фирми.

– Компанијата е посветена на забрзување и продлабочување на инвестициите во мобилната и фиксната телефонија на наредните генерации, изјави извршниот директор на Водафон Груп, Виторио Колао.

Со договорот е предвидена готовинска исплата од 10,8 милијарди евра на „Либерти глобал“ и покривање на долгот на компанијата во износ од 7,6 милијарди евра.