Владата на вечерашнава седница ги разгледа извештаите за работењето во првиот квартал од оваа година на ЈП МЖ Инфраструктура и на Македонски железници – Транспорт А.Д. – Скопје.
Посебна точка на седницата беше барањето на Македонски железници – Транспорт А.Д. Скопје, Владата да донесе одлука за доделување финансиска помош за ова акционерско друштво за подобрување на финансиската состојба и покривање на загубите до крајот на годината.
Заради високиот долг и загуби во работењето на МЖ Транспорт А.Д. – Скопје, Владата им препорача на Министерството за транспорт и врски и на Министерството за финансии, заедно со МЖ Транспорт А.Д. – Скопје да се изнајдат решение за трајно надминување на оваа состојба.
Владата ја разгледа информацијата на Министерството за образование и наука, и ја прифати Предлог Одлуката за изменување на Одлуката за бројот на студенти за запишување во прва година-прв циклус на студии на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2017/2018 година.