(ВИДЕО) Сугарески: Минатата влада правела пропусти тешки над 20 милиони евра, знаеле, а криеле

Од:

На почетокот на мандатот на оваа влада информиравме дека затекнавме фрапантна состојба со незамисливи грешки на неколку делници од  автопатот Кичево – Охрид. Поради овие грешки, државата, односно, граѓаните на Република Македонија, се оштетени заоколу 100 милиони евра. За жал, милионски штети кои ќе одат на финансиски товар на граѓаните се предизвикани и при изградбата на автопатот Миладиновци – Штип, а причина затоа е неодговорното работење на Владата на ВМРО- ДПМНЕ, изјави на прес -конференција на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Според него, со внимателната проверка на архивите и фактите, дошле до документ насловен како „информација за потребата од склучување анекс кон договорот за изградба на патната делница Миладиновци – Штип заради продолжување на рокот на изградбата“.

„Овој документ ни предочува дека во април оваа година,  на само неколку дена пред рокот, кога автопатот Миладиновци – Штип требаше да биде предаден во употреба, министерот за транспорт и врски на претходната Влада, доставил информација до Владата, дека во вкупен обем, дури 32 отсто од работите на патот не се завршени. Повторувам: на само два-три дена до истекот на рокот за изградба на овој автопат. Значи: знаеле за пропустите, знаеле за штетата која е направена врз граѓаните, а пред јавноста ја скриле оваа многу важна информација“, рече Сугарески.

Оваа информација, според него, потврдува дека целата оваа инвестиција од 206 милиони евра ја реализирале со бројни пропусти. Тие пропусти се прецизно наведени во документ што бил доставен до првиот човек на тогашната влада. Листата на пропусти е долга и  скапа.

„Во таа листа ќе најдете деталји за пропусти и за неизвршени работи што биле во надлежност на министерството или на јавното претпријатие за државни патишта. Од  кинеската компанија „Синохидро“ побарале уште една година за работа на терен, но и дополнителни пари за покривање на ситепропусти – пари на граѓаните! Тоа значи дека уште дополнителни, сега засега, 20 милиони евра, пари на граѓаните на Република Македонија, ќе бидат потрошени како резултат на неодговорното и нестручно однесување на претходната влада. За ова јавноста воопшто не била информирана“, рече министерот.