Еуростандард банка е само една алка со синџирот организиран банкаски криминал со незаконско финансирање од банки кон компании, а Народната банка и институциите во Македонија знаат, откри меѓународниот експерт за организиран криминал Драго Кос при презентацијата на извештајот за стечајот во Еуростандард банка.
– Во Македонија од 2004 до 2020 е поставен систем за незаконско финансирање од банките. Во еден од случаите, банката А дава кредит на фирма од 500.000 евра и тој кредит истиот ден отишол во банката Б, па оттаму истиот кредит со позајмица во друга фирма, па во друга банка, а еден ден подоцна, кредитот се враќа во банката А. Банките одредувале каде компаниите ќе даваат позајмици. Од овој систем заработувале банките. Во тој систем имало седум банки, 45 компании и едно физичко лице кое било активно во шемата – рече Кос.
Извештајот покажал дека 54 трансакции меѓу компаниите не биле покриени со договор што е доказ за незаконско банкарско работење.
– НБРМ не сакала да ја запише формално оваа банкарска шема, а контролите на банката ги покажале овие шеми, но го избегнала вистинскиот проблем и не преземала ништо освен во случајот со Еуростандард. НРБМ постојано барала докапитализација, а не го барала вистинскиот прчина на проблемот и тоа резултирало со стечај на Еуростандард. Се поставува прашањето зошто во август 2021 година се прогласил стечај иако на тоа имала законско право? Управата работела добро, имало и нов инвеститор, не знам зошто тоа се случило баш тогаш, но последиците од одлуката ги знаеме. Ова не значи дека оваа шема не постои во други банки – рече Кос.
Според експертите, грешките на Народна банка ќе останат неоткриени оти никој не сака да копа по нив, а најмалку државните институции.
– Многу институции знаеле за овие банкарски шеми, знаеле сите, но никој не сакал да се впушти во истражување на случајот. Оваа шема ќе падне, но што подоцна ќе биде, тоа ќе биде поголем број на банки кои тоа ќе ги повлече со себе. Финансиските последици за државата може да бидат катастрофални за сите – додаде експертот за корупција.