Вклучувањето на Македонија во проектот „Јужен тек“ и проектот за изградбата на националната гасоводна мрежа се од извонредно стратешко значење за Република Македонија кое ќе обезбеди вклучување на Македонија во меѓународните транспортни коридори и стабилен извор на гас за идните генерации. Партнерството со Русија во овој контекст е од суштинско значење.
Ова го истакнува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за руската агенција ИТАР ТАСС во кое додава дека кон средината на овој месец се очекува експертски тим од компанијата „Стројтранс гас“ да дојде во Македонија за финални преговори и понуда за изградба на националната гасоводна мрежа во Македонија. – Очекуваме договорот да се потпише до крајот на оваа година, по што би почнала и изградбата на мрежата. Во меѓувреме од македонска страна се преземаат потребните активности за да се почне со постапката за експропријација и добивање на одобрение за градба, вели министерот во интервјуто.
Меморандум за соработка со руската компанија Стројтрансгас, кој беше потпишан на почетокот на минатиот месец, според министерот е прв сериозен чекор кон изградба на национална гасоводна мрежа во земјава.
Тој истакнува дека енергетиката е сектор во кој македонско-руската соработка има направено значаен прогрес. – Во 2010 година успеавме да затвориме едно крупно прашање – се потпиша спогодбата за користење 60 милиони долари од клириншкиот долг на Русија кон Македонија за реализација на националната гасоводна мрежа во Македонија. Во текот на оваа година на средбата со премиерот Никола Груевски, претседателот на Руската Федерација Путин изрази поддршка и заложба за приклучување на Македонија кон коридорот „Јужен тек“, како и за скорешно отпочнување со проектот за гасификација на РМ, согласно Спогодбата за регулирање на клириншкиот долг. Она што радува е што веќе на следната официјална посета на македонска владина делегација, која се случи по две недели, од руската страна беше врачена нацрт-спогобата за влез на Македонија во коридорот „Јужен тек“. Што се однесува на приклучувањето на Македонија кон „Јужен тек“, македонската страна ја разгледува нацрт-спогодбата која ја добивме. Штом ќе ја доусогласиме и потпишеме, ќе се формира руско-македонско мешовито претпријатие надлежно за реализација на гасоводниот крак кон Македонија, истакнува министерот за финансии.
Покрај енергетиката како сектори кои би биле привлчени за рускиот капитал ги посочува и земјоделството, недвижностите, туризмот, минералните суровини и фармацијата. – Во контекст на ова би посочил дека Македонија во голема мера го има надминато хендикепот на мал пазар со оглед на тоа што има потпишано договори за слободна трговија со сите европски земји. Се надевам дека ваков договор ќе потпишеме и со Руската Федерација, што би овозможило значајно зголемување на трговската размена, потенцира Ставрески.
Односите меѓу двете земји оценува дека имаат долга традиција на пријателство, разбирање и културна блискост. – Постои, вели, заемен интерес и заложба од двете земји за интензивирање на соработката на политички, економски и културен план и како резултат на заемното залагање има нагорен тренд во соработката во сите сфери. На економски план одиме напред во соработката, но тука може и подобро, особено во областа на трговската размена.
Големиот руски пазар е предизвик. Македонија може да понуди многу повеќе на вашиот пазар, особено земјоделски производи, вино и храна, но и фармацевтски и други производи. Затоа преку учество на саеми и организиран настап на македонските фирми, правиме напор да се остварат потребните контакти за промоција и дистрибуција на македонските производи на рускиот пазар, вели министерот за финансии во интерјуво за ИТАР ТАСС.