Шеста македонско-германска конференција за контролинг: Дигитализацијата и ВИ од корен ги менуваат финансиските процеси

Од:

Дигитализацијата и вештачката интелигенција (ВИ) отвораат сосема нови можности во финансискиот сектор, со оглед на тоа што податоците се достапни во реално време. Tрадиционалното планирање со менува од корен, но мора да се работи внимателно, бидејќи со новите технолошки можности доаѓаат и многу одговорности.

Ова накратко беше заклучокот од 6-тата Македонско-германска конференција за контролинг што се одржа на Хајделберг Факултет во Скопје. На настанот беа присутни голем број претставници од финансиските сектори на македонски компании, експерти, практичари, креатори на политики од регионот и од светот кои дебатираа за актуелните случувања и иновативни истражувања во областа на контролингот.

Дискусија се разви на теми во однос на дигитализацијата, безбедноста, алгоритмите, новините кои ги вовеле во нивната работа во последниве години, користењето на ВИ алатките, како и искуството на клиентите во однос на употребата на новите технологии.

„Ако овој процес го гледаме како да е автомобил, тогаш дигитализацијата е моторот, а стандардите се воланот – едно без друго не може. Конекцијата меѓу дигитализацијата и стандардите е стратешка и само доколку ги комбинираме правилно ќе има успеси за компанијата“, рече проф. д-р Роналд Глајх, директор на Центарот за управување со перформанси и контрола од Франкфуртската школа за финансии и менаџмент.

Д-р Маркус Бренер, раководител на Автоматизација на процеси/претпријатија и управување со податоци од германската консултантска компанија Хорват, во своето излагање рече дека податоците се „златниот извор“ за сѐ, а со новите дигитални алатки и техники може да се направат многу подобри анализи во финансискиот сектор.

„Дигитален мајндсет – тоа е новиот начин на мислење. Потребни се 80 проценти мајндсет и 20 отсто технологија за да ги видиме промените, што значи дека потребно е комплетно да се промени начинот на мислење, да се прошири низ целата компанија и да се учи заедно“, рече Бренер.

Свои искуства за имплементацијата на новите технологии пренесоа и македонски финансиски претставници од банки, производствени и телекомуникациски компании. Дел од нив изјавија дека тренинзи и инвестиции во тренинзи за технологија и безбедност се најголемите приоритети во нивната работа, бидејќи тоа е новата реалност во која живееме. Во однос на придобивките од новите технологии, финансиските претставници изјавија дека промените се видливи, особено во делот на добивање извештаи за продажба во реално време – нешто за што претходно морало да чекаат до крајот на месецот. Сега, изјавија тие, со помош на новите алатки, сите процеси ги следат како се менуваат, од минута во минута.

Сепак, заклучија присутните, секогаш треба да се проверува по неколку пати она што е направено или генерирано со помош на вештачка интелигенција, бидејќи можноста за грешка не е за занемарување. Оттаму, човечката рака и човечкиот ум не можат да бидат ставени на исто ниво со ВИ, односно можат само да се дополнуваат.

Конференцијата „Нови техники и концепти за понатамошен развој на перформансите во контролингот и CFO областа“, која е водечки академски и професионален форум во регионот, годинава имаше најголема посетеност и претставуваше исклучителна можност за длабински дијалог, вмрежување и колаборативно истражување.