Отворен конкурс за зелени бизнис идеи

Од:

Здружението за социјални иновации „АРНО“ распишува конкурс за зелени бизнис идеи кои промовираат традиционална изработка на производи кои користат ресурси од локалната заедница и кои потикнуваат иновативни идеи за развој на животната средина.

„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар со најразлични зелени бизнис идеи, а победниците добиваат по 10.000 долари за реализација на идејата во своите земји. Сите детали за конкурсот се наоѓаат на веб страницата www.arno.org.mk.

Според координатор на проектот Ирина Јаневска, важно е идејата да има општествено корисна компонента и бизнис логика, а идеите се оценуваат и во однос на тоа колку ја подобруваат околината, природата, односно не и штетат.

Националните победници годинава ќе добијат и менторска поддршка од Асоцијацијата за менаџмент консалтинг МКА 2000 во вид на ваучери за користење сертифицирани консултантски услуги.