Суровата нафта на берзите во Њујорк синоќа поскапе најмногу во последните три години, откако лидерите на ЕУ на самитот во Брисел презедоа изненадувачки одлучни чекори за ставање крај на должничката криза, која ја стави на колена економијата на овој блок.
Цената на американската „лесна“ нафта на Њујоршката берза се зголеми за дури 7,27 долари или 9,4 отсто, достигнувајќи цена од 84,96 долари за барел. истовремено, европската нафта „брент“ на Меѓународната берза во Лондон се зголеми за 6,44 долари или седум отсто, на 95,51 долар за барел.
Најважната енергетска суровина значајно поскапе откако лидерите на еврозоната го објавија планот за спасување на загрозените банки, олеснувањето на товарот на владите на Италија, Шпанија и другите земји по пат на купување обврзници, како и враќање на довербата на пазарот.
Напредокот во борбата против должничката криза во еврозоната е добра вест за економијата на стариот континент, како и за целиот свет.
Покрај тоа, синоќа по завршувањето на самитот во Брисел зајакна и заедничката европска валута, чија вредност во однос на доларот се зголеми за повеќе од два цента на 1,2654 од 1,2442 долари во четвртокот.