Македонија има најмалку инвестиции во регионот. Плановите за привлекување странски инвестиции минатата година не се остварија, но директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека не треба да се концентрираме само на статистиката, туку и на видот и квалитетот на инвестициите.
– Точно е, во првите пет месеци влегоа 105 милиони евра што е повеќе од вкупната сума минатата година, значи веќе гледаме и бележиме драстичен раст. Истовремено и минатата година на светско ниво имаше намалување на инвестициите од 18 проценти, а Источна Европа беше афектирана дури и повеќе од тоа, но треба да се земат предвид и резултатите од опкружувањето. Европската економија покажува некои знаци на подобрување, но тоа навистина е многу кревко и мало подобрување за директно да може да влијае врз некои резултати кои веднаш ќе се остварат. Нашата економија 90 проценти од производите директно или индиректно се насочени кон Европската Унија и нормално нашите економски резултати зависат од тоа, но и потребите на странските компании за релоцирање или за префрлање на нови производствени капацитети. Но, јас сметам дека најважно е да не се концентрираме само на статистиката, бидејќи нашата активност е најмногу кон привлекување на нови гринфилд инвестиции, уверува Мизо.