Меѓународната финансиска корпорација ќе помага да подготви кампања за привлекување инвестици

Од:

Меѓународната финансиска корпорација (МФК), членка на Групацијата Светска Банка, потпиша договор за советодавни услуги со нашата Дирекција за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) за да ѝ помогне да спроведе кампања за привлекување инвестиции во напредните производствени сектори на државава.

– Кампањата има цел да поддржи создавање одржливи работни места, да ѝ помогне на земјата подобро да се интегрира во глобалните синџири на вредности и да се поттикне економскиот раст. Согласно договорот, МФК ќе ѝ даде поддршка на Владата на Северна Македонија да избере потенцијални сектори, да ги утврди компаниите што нудат можности за инвестирање и да направи материјали за кампања за привлекување на инвеститори, соопшти денеска МФК.

Кампањата која ќе трае до крајот на 2020 година, е дел од програма што ја спроведува МФК во партнерство со Европската Унија за охрабрување на инвестициите и за прекугранична трговија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Таа иницијатива се надоврзува на програмата за подготовка на економиите на Западен Балкан за пристапување во ЕУ и за поддршка на економскиот развој во Југоисточна Европа, во вредност од 2,5 милиони евра.

Томас Лубек, регионален директор на МФК за Централна и Југоисточна Европа во пишана изјава истакнува дека информативната кампања има цел да ги поддржи силните напори на Северна Македонија за привлекување инвеститори во напредните производствени сектори. – Привлекувањето квалитетни инвестиции ќе придонесе за отворање нови работни места и за поголема економска интеграција на земјата во регионот и на пазарот на ЕУ, вели Лубек.

Според директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, треба да ги преиспитаме дејностите и инвестициите што можеме да ги привлечеме за да добиеме идеална комбинација на содржината на труд и капитал.

МФК, сестринската организација на Светска банка и членка на Групацијата Светска банка, е најголемата светска развојна институција што се фокусира на приватниот сектор на пазарите во развој.