Земјоделците и во иднина ќе бидат основен столб на нашата политика. Владата, гледа партнер во земјоделците, рече денеска по посетата на населеното место Марена, во Кавадаречко заменик министерот за надворешни работи, кој беше придружуван од градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.
– Во нашиот фокус на интерес ќе биде обичниот македонски граѓанин, со неговите реални проблеми. Ние преку нашите програми за директна финансиска поддршка и за рурален развој водиме сметка за општините и помалите населени места како овие што денеска ги посетив. Има средства и за полски патишта и за обнова на системите за наводнување. Градоначалникот на Кавадарци веќе има неколку готови проекти преку кои дел од тие средства ќе се повлечат, рече заменик министерот.
Коњановски изрази задоволство од постоењето на падарска служба во кавадаречко, како и од брзата урбанизација на места каде што ќе се градат откупни дистрибутивни центри или мини винарии, но и од планот за инвестирање во каналска мрежа за наводнување.
Тој додаде дека од околу шест илјади апликации за субвенции во кавадаречко не се исплатени уште само околу 1.200. Една од причините за тоа, вели, можно е да била и контролата на апликации по случаен избор.
Најави дека во најбрзо време сите лозари ќе ги добијат субвенциите, иако законскиот рок е до крајот на јуни.
Градоначалникот на Кавадарци Панов рече дека се чувствува како дел од политиката на Владата кон земјоделците на локално ниво.
– И понатаму ќе ги поддржиме сите мерки на Владата кои се спроведуваат на локално ниво. Но, исто така ќе продолжиме како и досега, со низа мерки за помош на земјоделците кои се финансирани од општинскиот буџет, бидејќи лозарите се основата на целото Кавадарци. Затоа кога тие имаат мака ние не сме индиферентни и не гледаме на тоа дали нивниот проблем е наша надлежност или не, туку им помагаме. Помагаме во делот на инфраструктурата кон нивните земјоделски имоти. Сакаме лозарството да е на европско ниво. Заедно со Владата ќе успееме во тоа, рече Панов.
Во врска со случајот на винарската визба “Винеа”, заменик министерот Коњановски рече дека ќе биде избришана од регистарот на винарии во државата и нема да може да се занимава со винарска дејност доколку не им го исплати грозјето на лозарите чиј рок за исплата е истечен. Тој нагласи дека неисплатеното грозје од оваа винарница е проблем за земјоделците од Тиквешко.