Цената на гасот во Европа, во текот на студената зима, би можела да достигне 2.500 долари за 1.000 кубни метри, процени извршниот директор на руски „Гаспром“, Алексеј Милер, укажувајќи на рекордно ниската пополнетост на европските складишта.
Според прес-службата на „Гаспром“, Милер изјавил дека цените на гасот во Европа уште во октомври ја надминале границата од 1.200 долари за 1.000 кубни метри. Западните експерти предвидуваа дека такво ниво ќе се достигне дури во екот на есенско-зимската потрошувачка.
„Со оглед на ниското ниво на пополнетост на подземните складишта за гас во европските земји – што е историски едно од најниските, на пример во Германија, најголемиот потрошувач на гас, каде што складиштата се пополнети само 61,6 отсто – сосема е реално да се очекува дека цената на гасот во Европа, за време на студената зима, би можела да достигне врв од 2.500 долари за 1.000 кубни метри“, рече Милер.
Руската агенција ТАСС претходно објави дека спот-цената на гасот на европскиот центар ТТФ (TTF) за првпат по декември 2022 година ја надминала вредноста од 1.180 долари за 1.000 кубни метри. Исто така, за првпат во последните четири години, цената надмина 100 евра за мегават-час.
Цените на гасот во Европа растат поради историски ниските залихи пред почетокот на зимата, како и поради конфликтот на Блискиот Исток.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно не ја исклучи можноста цената на гасот во Европа да се искачи до 1.500 долари за 1.000 кубни метри, пренесува ТАСС.
