ЕК бара почитување на обврските од ЦЕФТА во спорот Македонија – Косово

Од:

Официјален Брисел реагира на македонско-косовскито судир, предизвикан од новоформираната држава на Балканот со вчерашното воведување мерка за ограничен увоз на одредени производи од нашата земја, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Европската комисија денеска побара сите страни во овој судир, што прераснува во целосно ембарго на официјална Приштина за македонските производи и патни такси за Косоварите при влез во Македонија, да се држат до обврските преземени во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

– Ние се стремиме кон појаснување на неодамнешните пријавени мерки и очекуваме сите страни да ги почитуваат своите обврски во рамките на ЦЕФТА, рече портпаролот на Комисијата, Петер Стано, во изјава за МИА.

Според македонските власти, условениот увоз на брашно што го воведе нашата земја, а за што е реакцијата од Косово, не е воведена кон оваа поранешна српска покраина, туку кон сите земји од ЦЕФТА и таа е во согласност со правилата на оваа меѓународна организација.

Гласноговорникот на неформалната влада на Европската унија не сакаше да влезе во детали дали ЕУ ќе се вмеша подиректно со цел надминување на спорот меѓу Македонија и Косово, но јасно е дека Брисел одблиску го следи развојот на настаните и посакува нивна позитивна разрешница.