Будимпешта се надева за продолжување на преговорите меѓу Брисел и Москва за „Јужен поток“

Од:

Јужен поток има за цел диверзификација на доставата на енергенси и Будимпешта се надева дека ќе бидат обновени преговорите меѓу Москва и Брисел за негова изградба, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сирто, по средбата во Москва со рускиот колега Сергеј Лавров, јави ТАСС.

– Се надевам дека преговорите ќе бидат обновени и ќе се водат брзо, изјави унгарскиот министер, додавајќи дека е за целосно усогласување на Јужен поток со барањата на ЕУ.

Рускиот министер за надворешни работи изјави дека Унгарија ги потврдила потпишаните обврски за „Јужен поток“.

Друга тема на заедничката прес конференција на Лавров и Сирто беше и Украина. Лавров истакна дека неутралниот статус на Украина принципиелно важен за самата неа, за гарантирање на нејзините национални интереси, а не само од гледна точка на безбедноста во Европа. Претставниците на киевските власти, кои се против неутралниот статус на земјата, земаат таква позиција со цел да го решат конфликтот во југоисточниот дел на земјата со сила и за да се борат со Русија како нејзин главен противник, изјави Лавров.

Според него проширувањето на НАТО е непромислена грешка, што ќе ја наруши безбедноста во Европа. – Ние сме убедени и тоа го кажавме од самиот почеток на сегашниот историски период, дека неселективното и брзо ширење на НАТО е грешка, што ја поткопува стабилноста во Европа, изјави рускиот министер за надворешни работи.

Лавров осуди некои од круговите во Киев, нарекувајќи ги радикал-националисти, дека имаат за цел да отфрлат се што е руско од украинската историја, сите вредности што Русите со векови ги имаат во Украина.

Двајцата министри изразија согласност дека е неопходно да се почитува договорот од Минск за Украина и да се спроведе дијалог меѓу Киев и сите засегнати страни.