Очекувам закрепнувањето на европската економија да има позитивен одраз врз економскиот раст во македонската економија, која ќе продолжи да расте и во втората половина од годината, како што предвидувавме – вели гувернерот Димитар Богов за весникот „Дневник“.
Економијата на Европската Унија и на еврозоната порасна за 0,3 отсто во второто тримесечје од годинава споредено со првиот квартал, со што се испраќаат охрабрувачки сигнали и за македонското стопанство.
– По шест квартали на континуирано намалување на економската активност во еврозоната, охрабрувачки се резултатите од вториот квартал, кои покажуваат излегување од рецесија. Иако растот е слаб и се уште ранлив, првите краткорочни индикатори за јули покажуваат дека тој тренд ќе продолжи и во третиот квартал. Очекувам закрепнувањето на европската економија да има позитивен одраз врз економскиот раст во македонската економија, која ќе продолжи да расте и во втората половина од годината, како што предвидувавме – вели гувернерот Богов за „Дневник“.
Kако што објави европската статистичка служба Евростат, иако е минимален, овој кварталниот раст значи дека еврозоната конечно излезе од рецесија, откако шест тримесечја или 18 месеци едноподруго беше во минус. Очекувано, растот го предводи моќната Германија, чија економија во второто триемсечие порасна за 0,7 проценти. Но, отпимизам кај стручната јавност во Унијата влева и постигнатиот резултат во Франција, каде што бруто-домашниот производ (БДП) во вториот квартал порасна за 0,5 проценти, што е прв раст по 11 месеци, со што и оваа економија официјално излезе од рецесија. Аналитичарите се сепак воздржани во прогнозите за годинава, иако во нивните изјави доминира благ оптимизам дека може да биде и подобро од првично проектираното.
Финансиските аналитичари се согласуваат дека растот е минимален, а долгата рецесија во ЕУ остави многу болни траги, особено за вработеноста. Сепак тврдат оти овие резултати охрабруваат.
– Сигналите се добри, но останува да се види што ќе се случува во следните квартали. Сепак, станува збор за еден квартал. Истовремено, во ЕУ има висока невработеност и програми на кратење трошоци што дејствуваат контрапродуктивно на економските движења. Дефинитивно една низа на два-три добри квартални резултати во ЕУ ќе значи дека сме повторно во циклус на економски раст, а тоа ќе биде извонредна инјекција за македонското стопанство во 2014 година – вели Јанко Тренкоски, директор на KБ Прво пензиско друштво, објави Дневник.