Бачевиќ: Каналот Дунав-Морава-Вардар е најголем стратешки проект

Од:

Пловниот канал Дунав-Морава-Вардар е најголем стратешки проект на Србија, вреден 17 милијарди долари, изјави српскиот министер за природни ресурси, рударство и просторно планирање Милан Бачевиќ.

Тој истакна дека станува збор за огромна работа за која се потребни сериозни подготовки и додаде оти за проектот владее голем интерес.

Бачевиќ рече дека е реално првата етапа од работите да биде завршена во рок од пет, а комплетната работа за седум-осум години.

Од петни жили ќе го туркаме овој проект. Со прокопување на каналот Србија со еден удар ќе реши два проблеми, сушата и поплавите. Морава на тој начин од поплавување ќе штити од 70.000 до 80.000 хектари најквалитетно обработливо земјиште. И исто толку ќе ги наводнува во сушниот период попречните канали. Земјоделското производство ќе биде утростручено, вели Бачевиќ.

Според него, ќе работат пет до седум хидроелектрани со инсталирана моќност од 200 и 400 мегавати електрична енергија, а ќе биде покус патот од Северна Европа до Егејот за 1.200 километри.

Што се однесува до финансискиот удел на Србија во проектот, Бачевиќ рече дека тоа зависи од моделот за кои ќе се определи државата. – Ќе предложиме стратешко партнерство или концесија, кредити никако. Во оваа приказна нема да влегуваме додека не се обезбеди финансиска логистика, а политичка веќе имаме. Инаку, ова не е значаен проект само за Србија, туку и за сите подунавски земји, истакна министерот.