За 200 илјади евра се слика плафонот на Стариот театар

Од:

Тројца домашни уметници за речиси 200 илјади евра веќе го сликаат плафонот во големата сала на Стариот театар.

Познато е дека уметниците Ѓорѓи Чулаковски-Џото, Синиша Стефановски Кашавелски и академскиот сликар Златко Глигоров на таванот ќе илустрираат македонски мотиви.

Според министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска објектот е во завршна фаза. Се работи на ентериерното уредување и доколку дозволат временските услови би требало да се отвори на 27-ми март годинава, односно на Светскиот ден на театарот.

-Нашата национална установа, Македонскиот народен театар, веќе интензивно работи на премиерната претстава, по текст на Јордан Плевнеш, со која свечено ќе биде отворен театарот- изјави неодамна министерката Канческа.

На горната површина на покривот се поставени 45 скулптури кои се обележје на Стариот театар.
Во влезната партија на главното фоаје на театарот ќе биде поставена и централна композиција – скулптура на основачите на театарот, што ќе ја изработува уметникот Карадаре, а орнаментика ќе се постави на ложите на главната театарска сала која ќе прикаже мотиви од нашето културно наследство, цркви, манастири, артефакти.

-Театарот освен онаа главна функција, театарската дејност, ќе има и музејска функција. Сите посетители, преку целокупната орнаментика што е застапена во ентериерот, ќе можат да се запознаат со македонската култура и историја. Театарот ќе биде музеј сам за себе – изјави министерката.