ВИДЕО: “Мачедоне, Мачедоне”, ечеше во Монтекатини Терме во Италија

Од:

Македонската музичка експедиција блесна на сцената во Монтекатини Терме, Италија.

Диригирани од наставничка по музичко, Вера Ангеловска, хорот и оркестарот на ООУ “Кузман Јосифовски – Питу”, Скопје, Македонија, настапија на 11 -от Интернационален фестивал на народни песни и ора “Претстави ја својата традиција”.

Претставувајќи дел од македонските обичаи и народни песни, избраниците на наставничката Ангеловска изнудија аплаузи од насобраната публика на централниот плоштад во Монтекатини Терме.

Интересно е што мештаните на овој италијански град, како и туристите, не ги криеја симпатиите кон македонската експедиција и за време на парадата која беше составен дел од официјалното отварање, довикуваа “Мачедоне, Мачедоне.”

Во публиката имаше и Македонци од околните италијански градчиња кои специјално беа дојдени во живо да ја слушнат изведбата на “Македонско девојче” и “Јовано Јованке”, а самата атмосфера направи и да запеат заедно со македонскиот хор.

Се вееше македонското знаме на улиците на Монтекатини како официјален симбол на нашата делегација, но се вееше и во рацете на Македонците во публиката.

Настапот на Македонија на отварањето на овој престижен музички фестивал, ќе остане запаметен и по тоа што официјално сме најбројна група која настапила на досегашните 11-ет фестивали под мотото “Meet the tradition” и единствена група која ја сочинуваат исклучиво ученици од Основно училиште.

Македонскиот хор и оркестар ќе има уште еден настап на овој фестивал, заедно со другите учесници од Бугарија (четири различни музички групи), две од Литванија, по една од Полска, Турција, Словачка, Израел, Естонија и Ирска.