Ване Костуранов, нов уметнички директор на Фестивалот „Литера 2020“

Од:

Сликарот и илустратор Ване Костуранов ќе биде уметнички директор на годинашното издание на Mеѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера 2020“, што од 10 до 12 април ќе се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје.

Костуранов, како што соопшти организаторот, со своето искуство и знаење ќе придонесе за збогатување на визуелниот и содржинскиот сегмент на фестивалот.

По премиерното издание минатата година, организаторите најавуваат дека „Литера 2020“ ќе биде уште повозбудливо доживување за најмладите, родителите и професионалците. Целта е на интересен и креативен начин да се поттикнат читателски навики, да се создадат високи естетски вредности кај децата и да се подигне свеста за важноста на емоционалната интелигенција кај децата. Професионалците ќе имаат можност да присуствуваат на мастер-класови на светски имиња во полето на илустрацијата.

Софија Семенпеева, извршен директор на фестивалот, изјави дека Костуранов е голем пријател на „Литера“. Тој беше еден од учесниците на првото издание во 2019 година и несебично го поддржува развојот на фестивалот.

Ване Костуранов е уметник и илустратор, автор на сликовниците „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“, кои добија први награди за Најдобро ликовно – графичко уредено издание на Саемот на книга во Скопје во 2018 и 2019 година. Сликовницата „Девојче и мече“ се најде и на престижната листа „Белите гаврани“ (The White Ravens) во 2019 година, селектирана од Интернационалната библиотека за млади во Минхен (International Youth Library).

Деновиве е актуелен со неговата трета сликовница „Девојчето и градот“.