Скулптура на Драган Попоски фрлена до Музеј на град Скопје

Од:

Академскиот скулптор Драган Попоски-Дада неодамна од својот студент, скулпторот Сашо Саздовски, дознал дека неговата мермерна скулптура „’Ртење“ е фрлена меѓу шутот, во близина на Музејот на град Скопје, пренесе „Утрински весник“.

Скулптурата, како што вели самиот Дада за „Утрински весник“, ја изработил во 1988-та година, по барање на тогашната влада и се до отстранувањето, стоела поставена на просторот каде што денес се наоѓа објектот на Старо-новиот театар во изградба.

Попоски изјави дека досега никој не го известил дека уметничкото дело изработено од бел прилепски мермер најпрвин ќе биде отстрането од првобитниот простор каде што се наоѓаше, а потоа ќе биде префрлено зад Музејот.

-Не знам кому му пречела мојата скулптура. Таа е единствена таква, изработена е од бел мермер и заедно со постаментот беше висока околу 1.80 сантиметри. Симболизира раѓање, ’ртење на нешто ново, а е и направена во периодот на распаѓање на поранешна Југославија, во периодот на надоаѓање на новите промени – изјавил тој.

Скулпторот Сашо Саздовски, студент на Дада изјави дека бил повреден кога ја видел скулптурата фрлена зад музејот.

-Таа со својата монументалност доминираше во големиот отворен простор. Бев повреден кога ја видов фрлена зад Музејот на град Скопје. Реагирав, искрено навреден од негрижата кон модерната скулптура, која веќе има историска вредност, наспроти новите „историски“ скулптури кои никнаа последните две-три години – изјави тој за „Утрински весник“.

Од Музејот на град Скопје за „Утрински весник“ изјавиле дека не се запознаени од кога скулптурата била во близина на нивниот објект.

-Музејот нема никаква документација за нејзиното пристигнување, сопственост и намена – стои во извештајот за увидот во кој музејскиот советник Лазо Плавевски кој напоменува дека делото е наменето за отворен простор, за јавна урбана комуникација со публиката. Поради тоа, тој препорачува скулптурата да добие функција на парковска, јавна скулптура, односно да се смести во некој јавен простор во градот.

Од Управата за заштита на културното наследство за „Утрински весник“ потврдиле дека скулптурата не е прогласена за споменик на културата, поради тоа и не е во надлежност на оваа институција, туку на Општина Центар. А, оттаму не добиле одговор што се случувало и што е во план да се случува со скулптурата на Драган Поповски-Дада.