Музејот на град Скопје вечерва со изложба и музичка програма ќе го отвори ново воспоставениот фестивал на стрипот во главниот град. Со својата тридневна програма првиот Скопје Стрип Фест ќе обедини повеќе издавачи на стрипови, стрип автори, здруженија, аниматори, гејмери, музичари и многу заинтересирани млади луѓе.
Вечерва во Салонот 1 на Музејот на град Скопје во 20 часот ќе биде отворен Скопје стрип фест 2016 со голема изложба на македонски стрип автори, како и соодветна музичка програма. Фестивалот ќе трае до недела, обединувајќи работилници, презентации, предавања, како и забавна програма исполнета со проекции на анимирани филмови и турнири на социјални, забавни и видео игри.
На групната изложба на првиот Стрип фестивал ќе бидат презентирани стрип табли и илустрации на повќе претставници на македонската стрип уметност како Александар Сотировски, Тони Анастасовски, Смиле Цветановски, Иванчо Николов, Михајло Димитриевски , Игор Јовчевски, Никола Темков, Здравко Гиров, Давор Драмиќанин, Јован Секуловски, Весна Ничевска – Саравинова, Дарко Богданов, Антонио Арангеловиќ, Филип Алексовски. Свое претставување ќе имаат и доајени на стрип уметноста како на Диме Иванов – Димано, но и помлади стрип автори, како Дамјан Михаилов, Дарко Ристевски, Тања Вукобрат, Александар Стеванов, Андреј Манев, Јована Велиновa, Бошко Дуковски.
На стрип фестивалот свои претставувања и содржини ќе имаат повеќе издавачки куќи од главниот град, како „Стрип Квадрат“ и „Комик Бру“, здружението „Макстрипови“, стрип книжарницата Бункер, како и
издавачката куќа од Велика Британиија „Клауд 9“.
Во рамките на програмата свои презентации ќе имаат и Душко Кралевски, новинар и публицист, и доајенот на македонскиот стрип Диме Иванов – Димано, а ќе биде одржана и пригодна реч за неодамна починатиот доајен на стрипот, карикатурата и анимацијата, Дарко Марковиќ. Работилници за стрип за деца ќе држат авторите Никола Темков и Игор Јовчевски, а ќе бидат презентирани и применети проекти, како играта „Каверн Таверн“ илустрирана од Михајло Димитриевски и македонскиот 2Д долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, на кој музиката ќе ја прави оскаровецот Лудовик Бурс.
Фестивалот ќе финишира со програма посветена на социјалните и забавни игри. При тоа, во недела ќе се одржи и турнирот во светски познатата игра – „Меџик д гедаринг“ (Magic The Gathering), во организација на Гоблин, како и презентациите на Милан Тасевски, авторот на играта „Смол стар Емпајрс (Small Star Empires) и Никола Темков, илустратор на англиската игра „Конфликтинг Кингдомс“ (Conflicting Kingdoms).