Се формираше КУЦ Текстил – уметнички проект за повеќе права на работниците

Од:

Од денеска во Штип почна да работи Културно – уметничкиот центар Текстил, кој има за цел да организира активности осмислени во соработка со штипјани, а во насока на третирање на теми кои се поврзани со локалната индустриска гранка – текстилот.

Главната оска на овој центар, која го придвижува неговото функционирање е двонеделната програма која обликува уметнички концепт замислен од уметникот Филип Јовановски. Оваа програма вклучува повеќе дискусии за работнички права и формите на синдикално здружување, работилници за деца, дискусиони средби, музички настани и друго и преку неа се обидува да поттикне платформа за размислување и споделување искуства и да создаде релации.

Една од главните активности на центарот е и работењето на организацијата „Гласно“ која се обидува да ги промовира, поттикнува и анализира правата и начините на организирање на текстилните работници во Штип и штипско со цел подобрување на нивните работнички и животни права.

Двонеделната програма е уметнички проект на Филип Јовановски во соработка со организацијата „Гласно“ (Кристина Ампева, Горан Трајков, Денис Ампев, Елена Трајков-Арсева, Лазе Арсов), Кристина Костова, Кристијан Панев, Владимир Лукаш.
Кураторка на проектот е Билјана Тануровска – Ќулавковски, а стручна соработничка е Ивана Васева.

Културно уметнички центар Текстил-Штип, е дел од проектот КЗГП (Култура за граѓански промени) на организацијата Факултет за работи што не се учат во партнерство со организациите: Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата, Фондација за развој на локалната заедница, Штип, Плоштад Слобода и Центар за современи уметности, Скопје. Програмата почнува вечерва во Штип со соло изведба на актерката Сања Арсовска, „Штипски гибања“, потоа изложба на фотографии, настапи на Вера Јанковиќ и Equinox Jazz Дуо.