Романската поетеса Дениса Дуран на турнеја низ Македонија

Од:

Издавачката куќа „Антолог“ организира промотивна турнеја на романската поетеса Дениса Дуран, на која ќе биде претставена нејзината поетска збирка „Сè уште сум млада“, во издание на „Антолог“. Препевот на македонски јазик е на Лидија Димковска.

Промотивната турнеја ќе започне в среда, на 27 јули, на промоцијата во кафе-книжарницата „Магор“ во Скопје, со почеток во 20 часот. Промотор на делото ќе биде Владимир Мартиновски, а стихови ќе интерпретира Ана Голејшка.

Следниот ден, на 28 јули, со почеток во 21 часот, Дуран ќе гостува на фестивалот „ДримОН“ во Струга. Настанот ќе се одржи на сцената „Чил аут“ под насловот Ја тргам земјата со раце“ како мултимедијален перформанс на литература, музика, фотографија.

В недела, на 31 јули од 20 часот, нејзината поетска книга ќе биде претставена на јубилејните, десетти Роднокрајни поетски средби во Струмица. Настанот ќе се одржи во клубот „Industrial.“ Стихови ќе интерпретира Мануела Златкова, а книгата ќе ја промовира Митко Гогов.

Педесетината песни во збирката „Сè уште сум млада“ се распоредени во два циклуса, кои уште со насловите ги сугерираат семантичките врски со топосите на љубовта и смртта: „Семка поставена на топло“ (што асоцира на чинот на оплодување) и „Ја тргам земјата со раце“ (што асоцира на сликата на гробот). Гледано на макроплан, песните на Дуран постојано ги имаат предвид овие две тематски нишки: младоста се осмислува преку љубовта, а се цени и се љуби имајќи ја предвид и смртта.

Дениса Дуран е родена на 22 август 1980 година во Радауци, Романија, во семејство на писатели. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Букурешт, а магистрирала на тема од звуковната поезија. Работела како новинар и преведувач, а од 2007 година работи како менаџер за култура во Романскиот културен институт во Букурешт.

Нејзината прва збирка поезија „Пердувест и механички“ (2003) ја доби наградата за најдобро дебитантско дело на Друштвото на писателите на Романија (филијала Брашов) и на Здружението на писателите на Букурешт. Нејзината втора збирка песни Човек за една употреба (2009) е објавена во Ирска двојазично, на романски и на англиски јазик. Во 2012 година ја објавила третата збирка поезија „Сè уште сум млада“, а во 2014 година експерименталната збирка „Ми се спие, но ти правам друштво“.

Нејзините први три книги беа потпишани под името Дениса Мирена Пишку. Во 2016 е објавена нејзината петта стихозбирка „Обвиткано во своето тело“.

Учествувала на голем број меѓународни фестивали и читања, а во јули 2015 година и на книжевната резиденција „Апосолутно модерен“ во Скопје во организација на „Традуки“ и на издавачката куќа „Готен“.