Почна Третата светска конференција за меѓурелигиски дијалог

Од:

Третата светска верска конференција попладнево почна со пораки за значењето на дијалогот и толеранцијата во светот на различности, култури и религии. Пред околу 250 учесници од сите континенти, верски претставници и професори-теолози, премиерот и покровител на конференцијата Никола Груевски рече дека индивидуалните човекови права и вредности се предуслов за просперитетни меѓучовечки, меѓурелигиски и меѓукултурни односи и дека дијалогот е механизам за нивна реализација.

– Дијалогот отсекогаш бил моќна алатка која придонесувала за политичка, социјална, културна и економска интеграција и кохезија на општествата што се културно разновидни. Тој ги негува еднаквоста, слободата на мислата и човековото достоинство и се стреми за создавање подлабоко разбирање на различните погледи на светот. Всушност, една од основните човекови потреби е потребата за дијалог и комуникација…Тој е обид да се слушнеме, почувствуваме, да се приближиме еден кон друг… Само преку дијалогот може да се откријат различните светови и кога е потребно да се премости јазот меѓу сопственото јас и она што претставува јас на Другиот. Оттука, бојкотирањето на дијалогот претставува бојкот на самиот себе и ја поткопува искреноста на вредностите кои се декларираат. Најдобар и најцивилизиран начин за надминување на евентуалните недоразбирања и проблеми е дијалогот и ништо не би смеело да го условува неговото одвивање, истакна Груевски.

Претседателот на Владата додаде дека потребата за дијалог и религиска толеранција денес е потребна од кога било и дека како никогаш досега влијае врз заштитата и одржувањето на глобалната безбедност. – Затоа, нека секој од нас се посвети на својата од Бога дадена мисија, да постане миротворец и да придонесе за убавината на својот дом и својата татковина. Божјото царство е во срцето на секој човек и е основа на секоја заедница… Преку меѓусебното почитување, соживот, слобода и достоинство и размена на знаење, создаваме траен систем на вредности кои придонесуваат кон одговорна и човекољубива световна власт, рече Груевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска им посака на учесниците заеднички да го овековечат дијалогот на живиот јазик и, како што рече, да ја докажеме максимата дека ние, луѓето, можеме да говориме на јазикот на Другиот, притоа сочувувајќи го сопственото наследство.

– Богатството кое го поседуваме и кое е резултат на премрежувањето на различните култури и цивилизации, за нашата држава претставува предност и е извор на голем креативен потенцијал, мост кон заемно разбирање, почит и соживот. Република Македонија е пример за тоа како се негуваат, почитуваат и унапредуваат културите на сите етнички заедници кои живеат во нашата земја. Би сакала да забележам дека македонската Влада силно ги поддржува сите иницијативи кои се стремат кон постојан дијалог и соработката помеѓу различните народи, култури и религии во светот. Оттука, не случајно, Република Македонија е една од ретките земји во светот која со успешната реализација на Првата, Втората, а верувам и на третата по ред светска конференција, докажа дека е лидер на платформата за меѓурелигиски дијалог, соживот и толеранција, рече министерката за култура.

Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска истакна дека целта на собирот е да докаже дека нема да се дозволи новиот милениум да донесе подвојување, немир и недоразбирања во светот.

– Имаме доволно разум да докажеме дека само слободен и достоинствен човек може да биде дар, вистински дар на нациите… Се зависи од нашата способност да слушаме, од нашиот копнеж да се преобразиме и од нашата волја да кажеме да…. Македонската земја е прекрасна, за неа многу луѓе војувале и ги дале своите животи. Најважно од се е дека опстојала заради различните религии. И затоа со многу љубов им порачуваме на сите кои се сомневаат во нашиот идентитет и црква, колку повеќе не негираат, толку повеќе ќе го потврдуваат нашето постоење и ни ја зацврстуваат волјата, рече Божиновска.

Тема на конференцијата, која денеска и утре се одржува во Скопје, е „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“. Со неа ќе бидат одбележани три јубилеи: 1700 години од Миланскиот едикт – добивање слобода на христијанството; 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир, инициран од покојниот претседател Борис Трајковски во 2003 година.