Почина Младен Стилиновиќ, еден од најзначајните хрватски уметници

Од:

По тешко боледување, на 69 -годишна возраст, синоќа во Пула, почина Младен Стилиновиќ еден од најзначајните хрватски уметници.

Неговите дела се изложени во најголемите светски музеи како МОМА во Њујорк, Центарот Помпиду во Париз, музејот „Викторија и Алберт“, „Модерна музеј“ во Стокхолм.

Стилиновиќ беше зачетник на т.н.р „нова уметничка пракса“. Во седумдесетите години од минатиот век, тој ја почнал праксата на изложување на уметнички дела на отворено, како критика на начинот на работењето на галериите и музеите.

Од 1969 до 1976 година главна сфера на неговиот интерес станува експерименталниот филм. Уметничкиот опус на Стилиновиќ се состои од колажи, фотографии, слики, инсталации, видео дела, филмови.

Неговиот најпознат циклус е „Експлоатација на мртвите“ кој се состои од над 400 дела во мал формат, во својот манифест „Пофалба на мрзеливоста“, Стилиновиќ напиша: „Уметниците од Запад веќе не се мрзливи и затоа веќе не се уметници, туку се произведувачи“. Негова позната изложба е и „Цинизмот на сиромашните“ претставена во Загреб 2002 година.