По тешко боледување, вечерва на 76 години почина Дарко Марковиќ, авторот на легендарниот стрип „Пецко“.
Професионалната кариера како карикатирист ја започнал во 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 година работеше како главен уредник на хумористично-сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје.
Со филм активно се занимаваше од 1975, кога се вработил во „Вардар филм“, отворајќи го студиото за анимиран филм. Од 1978 работеше како слободен уметник, а во 1983 беше назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје по предметот анимиран филм. Во истиот период работеше како главен уредник на културно-уметничката програма во Телевизија Скопје.
За своите карикатури и анимирани филмови, има добиено преку триесет награди и признанија.
Негови познати анимации се „Граница“ (1976), „Стоп“ (1976), „Три минути на светот на Мирослав Бартак“ (1976), „Бело топче“ (1977), „Циркус“ (1979), и други.