Објавена книгата „Низ сончевиот пат на македонската азбука“ од Наум Попески

Од:

„Низ сончевиот пат на македонската азбука“ е најновата книга од македонскиот писател Наум Попески. Делото е наменето за најмалите – децата од предучилишните установи.

Во оваа книга авторот ги опеа буквите од македонската азбука. За секоја буква има песна, која е со благ хумор и во рима. Песните се наменети за рецитирање и паметење и се проследени со одлични илустрации.

– Ова дело ќе ги привлече нашите најмали да ја научат македонската азбука на еден интересен и весел начин, изјави авторот Попески.

Наум Попески е автор на околу 20-тина книги за деца меѓу кои и најпознатата „Бонтон за деца“, прв бонтон за деца на македонски јазик. Според оваа книга снимена е анимирана серија на Македонската телевизија, тв серија за деца. Книгата е преведена и на албански јазик.

Со делата на Попески, децата другаруваат речиси пет децении. Застапен е во читанките по македонски јазик, во сите списанија за деца кај нас, а преведуван е и на сите балкански јазици.

Тој е член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Здружението на новинарите на Македонија. Застапен е во многу книги, зборници и антологии со поезија за деца.