Книгата „Борис Сарафов (биографија)“ од Павел Шатев излезе деновиве во издание на Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, како втор том од оставината на Шатев.
Преводот е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.
Личноста на Борис Сарафов во македонското револуционерно движење досега не е целосно научно проучена и валоризирана. До Втората светска војна македонските интелектуални дејци во Бугарија, па и неговите соборци и учесници во македонското револуционерно движење, не објавија посериозен труд за улогата на Сарафов во македонското дело.
По Втората светска војна и македонската историографија, па и бугарската, кои со години ги проучуваа, анализираа и расветлуваа процесите, настаните и личностите на македонското револуционерно движење и пројавите, поделбите и судирите во Македонската револуционерна организација, објавувајќи томови книги за нив, во своите научни проекти го избегнуваа поцелосното и попродлабочено проучувањето на револуционерниот профил на Сарафов.
Во македонските историски трудови, Сарафов, главно, е претставен како офицер на бугарската армија, учесник во импровизираните востанија и акции, врховист и припадник на пробугарското крило во Македонската револуционерна организација, авантурист по европските престолнини, склон на собирање средства за Организацијата и нивно ненаменско расфрлање и трошење, додека неговите соработници и приврзаници беа нарекувани „врховисти“ и „сарафисти“.
Ваквата потреба за објавување труд на севкупното револуционерно дело на Борис Сарафов ја уочил и Павел Шатев, кој за време на својот престој во затворот во Ќустендил, во периодот 1942-1944 година го напишал овој труд.
Како што посочува издавачот, книгата на Шатев за Борис Сарафов не е класична биографија за овој македонски револуционерен деец. Всушност, текстот претставува анализа на неговата револуционерна дејност, преиспитување на објавените трудови, написи, спомени, сеќавања и изјави од неговите соработници и современици, еден вид трактат за неговите револуционерни, морални и етички поведенија. Истовремено е и тестаментарен завет на Шатев за презентирање на вистинскиот лик на актерот што ги обезбедил парите за купување на динамитот за извршување на солунските атентати, во кои и Шатев беше еден од учесниците.
– Преку овој ракопис посветен на Борис Сарафов, Павел Шатев не само што се осврнува на најважните настани од револуционерното минато на Македонија и на македонскиот народ, туку во него се содржани и неговите погледи, опсервации, размислувања и констатации во однос на историските настани, процеси и личности од македонската историја, како и за македонските проблеми и за потребите и методите за изнаоѓање решение за македонското прашање, пишува д-р Тодоровски во предговорот.
Павел Шатев е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници. Како публицист на поголем број трудови и автор на повеќе необјавени ракописи за историското минато на македонскиот народ, тој се легитимира како прв македонски научен историограф.
Револуционерната дејност на Шатев е интегрално вткаена во најсудбоносните собитија на македонското национално ослободително движење како непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато. Неговата револуционерна дејност, може да се подели, главно, на три периоди: анархистички, национално-федералистички и комунистички период.
– Павел Шатев, легендарниот гемиџија, македонскиот национален деец, државникот во првата македонска Влада, единствената политичка личност со три полициски досиеја – бугарско, руско и македонско, почина осамен, напуштен и разочаран од новата македонска комунистичка власт. Тоа што не го сторија турските „Едикулиња“ и „Фејзани“ и бугарските участоци и логори, го сторија македонските власти со интернирањето во сопствената татковина, на која и го посвети целиот свој револуционерен живот, наведува меѓу другото издавачот.
Оставината на Шатев изнесува повеќе од 4.000 страници во ракопис, а само мал дел од неговите трудови се посебно објавени во Република Бугарија. Неговите оригинални ракописи и целокупното зачувано творештво се наоѓаат во Државниот архив на Хрватска, а микрофилмовите со право на објавување, минатата година на новинарот Предраг Димитровски му ги отстапи Милка Шатева, ќерка на Павел Шатев. Во неколкуте тома од пишаната оставина на Шатев, покрај неговите трудови, документи и материјали, ќе бидат објавени и белешките за него и записниците од неговите сослушувања во некогашната ОЗНА, а сето тоа заедно ќе фрли нова светлина не само врз името и делото на еден од најзначајните македонски дејци на 20 век, туку и врз македонската историја, наведува издавачот.