Нови шест автори во Скопје на резиденцијалната програма за книжевници од ЈИЕ

Од:

Дениса Дуран од Романија, Јулијан Кинети од Албанија, Дејан Матиќ од Србија, Роберт Перишиќ од Хрватска, Ахмед Буриќ и Лара Миховиловиќ од Словенија се шестминатата автори кои годинава ќе престојуваат во Скопје, во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“.

Програмата е во организација на издавачката куќа Готен, под покровителство на мрежата Традуки и градот Скопје, а изборот го направи меѓународното жири.

– Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец во текот на оваа година запознавајќи се со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје продлабочувајќи ги своите контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Авторите во Скопје ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавни настани ќе бидат претставени во Скопје и во други градови од земјата.

На отворениот повик се јавија дури 85 автори од регионот, што е доказ за одличното реноме на проектот и доказ дека Македонија е интересна земја за авторите од регионот, а воедно ја потврдува и потребата од постоење на ваква резиденцијална програма.

Според организаторите, од биографиите и писмата на интерес може да се заклучи дека меѓу авторите доминираат оние кои веќе имаат добра соработка со македонските издавачи и автори, потоа книжевници кои по разни поводи престојувале кратко во Македонија и тоа им останало во добро сеќавање, но и автори кои сакаа да ја искористат можноста првпат да ја посетат земјата и да ја запознаат овдешната книжевна сцена.

Во текот на април во Скопје ќе престојува Дејан Матиќ, кој е еден од најпреведуваните поети од средната генерација. Автор е на неколку книги поезија и добитник на националната награда „Мирослав Антиќ“. Основач и главен уредник е на книжевното списание „Треќи трг“, каде што има објавено и многумина македонски поети. Организатор е на меѓународниот фестивал на книгата и поезијата „Тргни се! Поезија!“ во Белград.

Инаку, романската поетеса Дениса Дуран е и организатор на книжевни фестивали и преведувачка, меѓу другите и на поезиајта на Никола Маџиров. Јулијан Кинети од Албанија е есеист, писател и преведувач , соработник во култното поетско списание Поетека и ко-организатор на истоимениот меѓународен фестивал во Тирана. Романсиерот Роберт Перишиќ од Хрватска, е преведен и во Македонија. Во Скопје ќе гостува и еден од најчитаните сараевски колумнисти и писатели, Ахмед Буриќ и младата преведувачка и македонистка Лара Миховиловиќ од Словенија.