Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2026“ од 27 јуни до 6 јули во Вевчани

Од:

Уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина ќе бидат дел од Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2026“ што од 27 јуни до 6 јули ќе се одржува во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани.

Колонијата, како што информира организаторот, ќе биде отворена со концерт на групата „Љубојна“ и музичкото дуо Мицевски и Пејчиноски.

– Вевчани повторно ќе биде место на уметничко творештво, средби, културна размена и инспирација. Оваа година на колонијата ќе учествуваат уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина, со што „Вевчански видувања“ уште еднаш ја потврдува својата меѓународна димензија и отвореност кон различни уметнички искуства и изрази. Уметниците ќе создаваат нови дела инспирирани од Вевчани, неговата природа, архитектура, културна меморија и посебна атмосфера. На тој начин, „Вевчански видувања“ продолжува да ја негува својата основна мисија: создавање уметнички дела, поттикнување културен дијалог, поддршка на младите таленти и градење трајни врски меѓу уметниците, публиката и заедницата, стои во соопштението.

Дел од годинашната програма, како што е наведено, е и проектот за млади сликари-таленти, кој се реализира во рамките на платформата „ШП-арт“ на Шпаркасе банка.

– Преку оваа соработка, младите уметници добиваат можност да бидат дел од колонијата, да работат во непосредна комуникација со афирмирани автори и да стекнат вредно искуство во средина која поттикнува творештво, размена и професионален развој. Во рамките на колонијата ќе се одржи и четвртата Детска ликовна школа, која ќе ја води проф. Марјана Костојчиноска Узунчева. Оваа програмска активност има за цел да ја поттикне креативноста кај најмладите, да ги приближи децата до ликовната уметност и да создаде простор за нивно слободно уметничко изразување, информира претседателката на „Вевчански видувања“, Ефимија Угриновска Кукоска.

Колонијата, нагласи, има особено значење за Вевчани, затоа што ја поврзува локалната културна традиција со современите уметнички практики и ја отвора за поширока домашна и меѓународна публика.

– Нејзиното континуирано одржување од 2009 година до денес е потврда за посветеноста на организаторите, уметниците, пријателите и поддржувачите на колонијата кон развојот на културата и уметноста, додаде Угриновска Кукоска.

Би можело да ве интересира

Почнува меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков-Дрен“ 2025

А1он