Македонски уметници на фестивалот „Балкон кон Балканот“ во Баден-Баден

Од:

Во периодот од 19 до 21 септември во Баден- Баден, Германија се одржува фестивалот за современа уметност- „Балкон кон Балканот“ на кој учествуваат пет уметници од Македонија, како и уметници од Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Босна и Германија.

Програмата се одржува на еден од централните плоштади „Марктплатц“ и неговата околина и во Кунстхале Баден-Баден.

-За разлика од вообичаената слика што во Германија преовладува за Балканот, а се поврзува со распадот на Југославија и социјалистичкото уредување, програмата на овој фестивал е фокусирана на современи теми. Во тој контекст , фестивалот „Балкон кон Балканот“ се занимава со прашања како што се: Како се развива и представува уметничката сцена денес? Постои ли обединувачка нишка која ја поврзува уметноста од овој регион? Дали бремето на минатото влијае на современата уметничка продукција? Дали младата генерација е во состојба да ја развива својата уметничка пракса и меѓународна кариера независно од бремето на минатото?

Многу од уметниците од балканските земји имаат се поголем проблем со изложбени простори и оттаму и произлегуваат новите иницијативи кои ги заземаат јавните простори со желба нивниот глас да биде посилно слушнат.

Сличен е случајот и со Баден Баден каде што најголема видливост има етаблираната, висока култура, додека пак можностите на младите уметници да излагаат во етаблираните галерии е прилично мала. Оттаму овој проект има за цел да покаже дека младите уметници имаат можност да делуваат и тогаш кога им недостасува простор, се вели во текстот на каталогот за оваа изложба.

Учесници на фестивалот се: Ѓорѓе Јовановиќ, Јана Јакимовска, Ненад Тонкин, Јане Чаловски, Христина Иваноска, Адела Јушиќ, Младен Миљановиќ, Божидар Катиќ, Викенти Комитски, Албан Муја, Шота Букоши, Марта Попивода, Боба Мирјана Стојадиновиќ и Стефани Буш. Кураторка на проектот е Ксенија Чочкова.

А.Б.