Долгометражниот филм „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска беше премиерно прикажан на 81. Венецискиот филмски фестивал, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“.
Филмот раскажува интимната и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, 1948 година – во мигот кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Главната улога ја игра светски познатата актерка Номи Рапас, која ја толкува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и противречна личност – исполнета со амбиција, сомнежи и силна жед за слобода.
Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска.
Сценариото е на Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, а зад камерата е наградуваната белгиска директорка на фотографија
Виржини Сен-Мартин (SBC).
Првите критики по премиерата во Венеција го оценуваат филмот како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“.
– „МАЈКА не е класичен биографски филм, туку обид да се прикаже една жена – Мајка Тереза – како сложена, повеќеслојна личност, далеку од клишеата на насмеаната светица. Доаѓајќи од истата земја и град, чувствував длабока поврзаност со историскиот лик – и восхит кон нејзината храброст и решителност. Но, се запрашав: зошто мажите во историјата сме ги претставувале во најразлични светла, славени и во нивното добро и лошо, а жените речиси секогаш еднодимензионално? Со МАЈКА сакав да дадам нова перспектива, и да портретирам женска историска фигура прикажана без идеализации, туку со својата автентична сила, амбиција и противречности. Во таа смисла, МАЈКА е филм за слободата – и за храброста на една жена да биде различна, и покрај сите ограничувања на своето време, изјавила Теона Стругар Митевска за време на прес-конференцијата во Palazzo del Casino.
За главната протагонистка Номи Рапас, прифаќањето на оваа улога било неверојатен предизвик и патување.
– Со месеци живеев со МАЈКА во мене, низ многу емоции и внатрешни битки. Се нурнав во нејзиниот свет преку истражувања – читав многу, и позитивно и негативно, ги проучував нејзините писма, Библијата и Куранот, се обидував да го разберам времето и местото во кое делувала. Она што го гледате на екранот е мојата Тереза – не копија, туку обид да ја пронајдам вистинската личност зад митот. Соработката со Теона беше апсолутно прекрасна. Имавме искрена и силна врска, работевме без его и ја создадовме нашата Мајка Тереза заедно. Тоа беше двегодишно патување кое ми донесе нови перспективи и длабоко ме збогати, истакнала Рапас.