Актерот Лазар Ристовски е добитник на наградата „Мето Јовановски“ за високи актерски достигнувања во филмската уметност на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, кој се одржува од 7 до 12 август во Дојран.
– Оваа година, по втор пат, ќе ја доделиме наградата „Мето Јовановски“ за високи актерски достигнувања во филмската уметност на актер од Балканот и Медитеранот. Лауреат е големиот балкански, српски и македонски актер Лазар Ристовски – изјави директорот на фестивалот Јани Бојаџи.
Тој истакна дека во својата речиси петдецениска кариера, Ристовски бил, и сè уште е, дел од најважните филмски настани на Балканот и Медитеранот.
– Лазар е еден од оние актери кои се нарекуваат вистински амбасадори на балканската и медитеранската кинематографија во нејзината апсолутна форма и содржина. Роден е во Војводина, Србија, и по потекло е од Македонија, а глумел во повеќе од седумдесет филмови, во сите ликови и на речиси сите јазици на овој архипелаг. Македонската публика го памети по неговите брилијантни улоги во филмовите „Ѓерданот“ и „Збогум на дваесеттиот век“. Му посакуваме добредојде дома! – рече директорот на фестивалот.
Ристовски е гостин во Дојран и има можност да ужива во проекциите под ѕвезденото небо покрај езерото на југоистокот на Македонија.
– Добив признание за врвно актерско достигнување во областа на филмот, кое го носи името на големиот македонски актер Мето Јовановски. Особено ми се допаѓаат наградите што ги носат имињата на моите колеги. Немав среќа да бидам во иста рамка со Мето, и ми е жал за тоа. Сепак, се дружевме на фестивали. Оваа награда има дополнително значење бидејќи е меѓународна и се доделува само по втор пат – рече Ристовски.