Скулптурата „Мајка Земја“ на Андреј Митевски претставува дело посветено на загадувањето на сите нивоа како и на се позачестените палења на отпад во последниве недели.
Од една страна, скулптурата создадена со бројни центално поставени оџаци, испраќа порака за спас на Скопје како еден од најзагадените градови на светот и Македонија како една од земјите со најмногу диви депонии и ѓубришта и најзагадени реки во Европа.
Како што вели авторот, од друга страна скулптурата симболично повикува на крик против уништувањето на планетата на сите нивоа.
„Самата скулптура ја претставува планетата земја, а во средишниот дел е сместена стилизирана маска која има лик на природата, односно мајката земја. Средишната поставеност на маската го симболизира повлекувањето на планената кон нејзината внатрешност“, објаснува Митевски.
Загадувањето, глобалното затоплување, ефектот на стаклена градина, уништувањето на морињата и окенаните ја уништува планетата. Целата скулптура всушност ја покажува загриженоста за планетата и процесите кои се одвиваат на неа, а маската е симбол на тоа како полека се гаси и затвора во самата себе немоќна да го издржи притисокот на 8 милијарди луѓе кои во најголем дел работат во корист на сопствената штета.
Скулптурата е дел од проектот „Собери ѓубре направи скулптура“ на Андреј Митевски, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.