Изложба на цртежи од Ирена Паскали кои ги изработила од сопствената крв

Од:

Во галеријата „Остен“, вечерва, во 20.20 часот, ќе биде отворена изложбата „Безвремено“ на Ирена Паскали.

Станува збор за мултимедијален проект составен од три дела: цртежи, експериментални филмови и акварели, на македонска авторка која повеќе години живее и работи во Келн, Германија.

Акварелите што ќе бидат претставени на изложбата се изработени во 2003/2004 година, а уметницата ги има направено користејќи ја сопствената крв како материјал за акварел. Направени се околу 25 акварели со различна големина со различни теми, како пејсажи, портрети, мртва природа, од кои во галеријата „Остен“ ќе бидат изложени девет акварели. Идејата за овие дела се појавила во рамките на проектот „Хибридна течност – сила на уметноста“ во музејот „Казино Луксембург“, Луксембург во 2003, а завршена е со делата во рамките на изложбата во „Хал Ин Тирол“, Австрија во 2004. Пораката на уметницата е дека „крвта е највредната течност во светот“.

Освен акварели, на изложбата има и цртежи кои според форматот се типични хоризонтали, нацртани на хартиени ленти 50х1000 см со средновековен јаглен (пред 18-ти век). Стилски, тоа се едноставни, чисти, јасни и елегантни цртежи, каде јагленот говори сам за себе.

На изложбата на Паскали ќе бидат претставени и два експериментални филма, снимени на 8 мм лента. Во филмот „Врати“ (2015/2016), како што кажува насловот, авторката акцентот го става на вратите, кои се прекрасни или едноставни, честопати се однесуваат како времето. Тие се тивки сведоци за минатото, оставајќи не да се прашуваме како се живеело и страдало зад нив.