Имануел Мифсуд и Роман Кисјов пристигнаа во Скопје на книжевната резиденцијална програма

Од:

Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, во Скопје пристигнаа двајца исклучителни автори: Роман Кисјов од Бугарија и Имануел Мифсуд од Малта.

Тие во земјата ќе престојуваат цел септември со цел подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура. Авторите во Скопје ќе посетуваат културни настани, организации и институции. Првото дружење со македонската публика и поети веќе го имаа на поетското читање „Астрални проекции“ во вторникот на 2 септември во клубот „Менада“.

Преку целовечернинастапи ќе бидат претставени во Скопје и во други градови од земјата. Резиденцијата се одвива под покровителство на фондот Традуки, а програмата ја подржаа и Градот Скопје и Уметничкиот совет на Малта. Роман Кисјов (роден 1962 г. во Казанлак, Бугариjа) е исклучителен автор, по образование академски сликар, специјалист по живопис. Истовремено е и еден од најзначајните современи бугарски поети и препејувачи. Тој со подеднаква доблест твори и во визуелната уметност и во поезијата.

Тој е исклучителен познавач на теологијата, философијата, митологијата како и на најдобрата светска поезија, нешто што се испреплетува во неговите стихови. Неговата поезија е лаконична по израз, но истовремено длабока, мисловна и длабоко проживеана. Имал самостоjни изложби во Софиjа, Виена, Берлин и Скопjе, учествувал во редица групни изложби. Бил гостин напрестижни меѓународни фестивали на светската поезиjа, вклучително и на Струшките вечери на поезиjата. Во 1995г. за поетската книга „Вратите на раjот“ ја добил Национална награда за поезиjа на Државното книгоиздателство „Христо Г. Данов” од Пловдив.

Негови стихови се преведувани на многу европски јазици, а меѓу другото и на ерменски, грузиски, хебрејски, арапски, кинески, хинду и бенгалски. Роман Кисјов има преведено преку петнаесет македонски поети со репрезентативни избори на бугарски јазик. Во рамките на резиденцијалниот престој, Роман Кисјов ќе работи на најновата антологија на македонска поезија. Имануел Мифсуд (роден 1967 г. во Малта) го сметаат за водечки глас на малтешката „генерација Икс“. Нашироко е ценет за своите отворени и пластични прикази на современиот живот на Малта.

10660671_10204813051821329_568790131_n

Во 2005 година неговата збирка раскази „Хемија“ предизвика бројни контраверзи откако беше забранета поради „непримерна содржина“. Инцидентот се случи неочекувано, откако неговата претходна книга, „Чудните приказни на Сара Сју Семат“ ја освои најпрестижната Национална награда за литература. За краткиот роман „Во името на отецот (и на синот)“ ја доби престижната награда за литеарутра на ЕУ во 2011 година.

Романот ќе биде преведен на македонски јазик, во издание на „Готен“. Романот е смел експеримент помеѓу семејна хроника и дневник, во која Мифсуд вибрира меѓу маскулинизмот и женското пишување, надоврзувајќи се на исконските односи на релацијата татко-син. Тоа е една возбудлива и вознемирена проза, емотивно набиена и интелектуална, разгоропадено тематизирање на онтичките дилеми по татковата смрт. А.Б.