Стигнаа официјалните информации за вторите сезони од хит сериите на HBO „The Last of Us“ и „House of the Dragon“.
По одличната дебитантска изведба на серијата „The last of us“, конечно стигна официјална информација за почетокот на снимањето на втората сезона.
На големо жалење на фановите, снимањето на продолжението на серијата, базирано на хит играта, со месеци е во мирување поради штрајкот на актерите и сценаристите во Холивуд, но според официјалното соопштение на Кејси Блојс, првиот човек на медиумската компанија HBO, почетокот на продукцијата треба да се случи на почетокот на 2024 година.
Сепак, иако овој развој на настаните е секако позитивен, се чини дека ќе треба да почекаме на новите авантури во пост-апокалиптична Америка, бидејќи се претпоставува дека премиерата на втората сезона ќе се случи дури во 2025 година.
Од друга страна, Блојс потврди дека втората сезона на „House of the Dragon“ ќе пристигне на почетокот на летото 2024 година.
Продолжението на овој хит наслов, кој е сместен 200 години пред настаните од серијата „Игра на тронови“, почна да се снима во април оваа година и не беше погоден од штрајкот – актерите припаѓаат на британскиот синдикат Equity, а не на американскиот SAG-AFTRA, а сценариото е завршено пред да започне снимањето.