Дигитализирани 50-те стихозбирки наградени со „Браќа Миладиновци“

Од:

Педесет стихозбирки кои се наградени со „Браќа Миладиновци“ – признанието што половина век го доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, од денеска се достапни во електронска форма. Нив ги објави библиотеката во Скопје која речиси 70 години го носи името на струшките браќа преродбеници.

Од првата наградена збирка поезија – „Рамноденица“ на Матеја Матевски во 1963, до минатогодишната – „Основите на небото“ на Милош Линдро, 50 изданија од 39 поети содржи електронската едиција која библиотеката „Браќа Миладиновци“  ја промовираше денеска. Таа е достапна и на интернет-страницата на установата www.gbiblsk.edu.mk.

Првите дигитални примероци им беа врачени на живите добитници или на наследници на авторите што присуствуваа на свеченоста, која е и продолжение на двата јубилеја од изминатите две години – 150 години од појавата на Зборникот на народни умотворби на  Димитрија и Константин Миладинов (1861)  и од нивната смрт во Цариград (1862).

Едицијата во изминатите девет месеци ја подготвија четири вработени во Одделот за дигитализација на  библиотеката „Браќа Миладиновци“. Директорот Бранко Цветкоски истакна дека е повеќекратен ефектот од современото, електронско пласирање на книгите, зашто пристапот е полесен и побрз од кое било место и оти изданијата ќе може да ги користат сите институции од културата и образованието.

Добитници на поетската награда се сите бардови на македонскиот стих, како Матевски, Тодоровски, Поповски, Андреевски, Конески, Шопов…, некои ја добиле повеќе од еднаш, меѓу 39-те добитници се и пет поетеси, како и млади автори кои не биле родени кога  наградата била востановена.

– Даваме посебна почест на најугледните македонски продолжувачи на преродбенското дело…Оваа значајна лирска фаланга, како што во еден неповторлив есеј-предговор кон македонската поезија истакна романскиот поет Думитру М. Јон, токму со своите овенчани книги во Струга ја развеа славата на македонската поезија и со бројните препеви на нивните дела на многу светски јазици, го разгласи македонскиот поетски идентитет во регионот, во Европа и по другите континенти, рече Цветкоски.

Во име на сите лауреати за овој проект се заблагодари академик Влада Урошевиќ, единствен трикратен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“. Тој се присети на нејзиното раѓање, кога на едно  поетско читање во август 1963 во Скопје, во свежите последици на катастрофалниот земјотрес,   поетите-ентузијасти наспроти околностите и реалноста решиле да има награда што ќе ја доделува тогаш само две години стариот поетски фестивал во Струга. Наградата, рече тој, го носи неминливиот сјај на вистинските вредности.

– Наградата „Браќа Миладиновци“ во најголем број доделувања успеа, низ времињата и премрежињата, да ги избегне паѓањата на критериумите, превидите предизвикани од субјективни или објективни околности, замешувањата на политиката во проценката на естетските вредности, стапиците на ефемерните причини. Без да ги негирам стојностите на другите наши книжевни признанија, можам да речам дека „Браќа Миладиновци“ е поим за награда што и по пет децении останува усогласена со вредносните судови што ги потврдува потоа времето, рече Урошевиќ. Сепак, заклучи тој, денес не со толкав интерес се очекува објавувањето на добитникот,  како што е опаднат и интересот кон поезијата. Очекува младите да го променат односот и, како што рече, да и го вратат блесокот на наградата.

За електронската едиција од свое име се заблагодари и Александар Поповски, син на поетот Анте Поповски, кој истакна дека проектот покажува како треба да се брани честа на Македонија, на што го учел и неговиот татко. На промоцијата тој соопшти дека оваа година, кога се навршуваат десет години од смртта на Анте Поповски, семејството ќе им ја подари неговата оставнина ракописи и книги на библиотеки и училишта.