Филмот „Диџеј Ахмет“, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, овој викенд постигна исклучителен меѓународен успех, освојувајќи шест престижни награди на три европски филмски фестивали во само два дена.
-Од својата премиера, „Диџеј Ахмет“ постојано добива одличен прием кај публиката – гледачите по проекциите со ентузијазам споделуваат дека филмот ги изненадил, трогнал и воодушевил. Токму таа искрена поддршка се рефлектира и во вниманието што го добива на меѓународните фестивали, стои во соопштението од Агенцијата за филм.
На Босфорскиот филмски фестивал (@bogaziciff) филмот освои Специјална награда на жирито и Награда за најдобар актер за Ариф Јакуп во улогата на Диџеј Ахмет.
На Севилскиот европски филмски фестивал (SEFF) (@festivalsevilla) следеа две нови признанија, Гран при на жирито и Награда за најдобар актер — повторно за Ариф Јакуп.
На Брауншвајг Интернационалниот филмски фестивал (@filmfestivalbraunschweig) филмот доби Награда на жирито за најдобар европски дебитантски или втор филм (Volkswagen Financial Services Film Prize) и Награда од публиката за најдобар европски дебитантски или втор филм (Der Heinrich).
-Она што особено ме радува е што ваквите успеси веќе не се исклучок, туку тренд. Новата генерација македонски режисери создава храбри, современи и длабоко лични филмови кои резонираат со публика од различни култури. ‘Диџеј Ахмет’ е доказ дека нашите автори не само што држат чекор со европските текови – туку ги поставуваат. Овoj тим покажа дека талентот, кога е поддржан и охрабрен, може да го помести целиот регионален и европски филмски пејзаж, изјави Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Од тимот на „DJ Ahmet“ велат дека ова е неверојатно признание за целата екипа, особено за Ариф Јакуп и Георги М. Унковски, и дека Македонија повторно го истакнува својот талент на светската филмска мапа.
Филмот е поддржан од повеќе национални и меѓународни институции, меѓу кои Eurimages, Czech Film Center, HAVC, Филмскиот центар на Србија и други.
