Бунтовната музика од Сахара за завршување на годинашниот ОФФест

Од:

Најпознатите пустински блузери од Мали, „Тинаривен“, со вечерашниот настап во МКЦ го заокружуваат годинашниот ОФФест.

„Тинаривен“ се препознатливи по традиционалните мелодии и ритми изведувани на овчарска флејта и на едножичена виолина т.н. имзад. Нивниот звук е првенствено гитарски, во стилот попознат како „асуф“.

На јазикот на Туарезите, номади кои со векови талкаат по најоддалечените краишта на Сахара, зборот „тинаривен“ значи „пустини“. Составот формиран во 1979 година преку својата музика води борба за остварување на правата на протераните номадски народи. Со објавувањето на албумот „The Radio Tisdas Session“ и со настапите на „Festival in the Desert“ во Мали и „Roskilde Festival“ во Данска во 2001 година, групата станува популарна надвор од регионот на Сахара, а поширока светска слава доживува со албумот „Aman Iman“ (2007) кој добива одлични оцени од критичарите. Последниот албум „Emmaar“ е снимен во Joshua Tree во пустината на Калифорнија.

За „Тинаривен“ и денес е невозможно враќањето во родниот крај, а нивните нови песни ја одразуваат токму болката на животот во прогонство.

Пред нивниот концерт на виртуозните музички бунтовници, прикажан ќе биде документарниот филм „Последната песна пред војната“ (The Last Song Before the War).

ОФФест почна во четвртокот со концертите на пост-рок составот „Jambinai“ од Јужна Кореа и на Басеку Кујате, мајсторот на традиционалниот инструмент „нгони“. Во петокот свиреше легендарниот блуз-гитарист Бубакар Траоре од Мали пред чиј настап имаше проекција на документарниот филм „Ќе пејам за тебе” на режисерот Жак Сарасин, завчера публиката уживаше во настапите на португалската фадо уметница Лула Пена и на кантавторката Хинди Зара од Мароко, додека синоќа, „Чалгија саунд систем“, промовирајќи го најновиот материјал, уште еднаш потсети колкаво е богатството на македонската музичка традиција.