Братислав Димитров ја забрани претставата на Владимир Милчин, актерите протестираат

Од:

Директорот на Театарот за деца и младинци, Братислав Димитров, втор пат во две недели ја откажал претставата “Нашиот клас“, во режија на Владимир Милчин, а за која актерите јавно се побунија против начинот на работење на директорот. Претставата е откажана со образложение дека не биле продадени доволно карти.

„На 28 Април ние актерите од Театар за деца и младинци изразивме јавен револт против постапките, работните обврски и одговорности на директорот Братислав Димитров и маркетинг секторот на театарот за деца и младинци поради нивното оградување од промоција и продажба на претставите од младинската сцена. За жал бојкотот и деградирањето на претставите од младинската сцена сеуште продолжува.

Денес е 11 мај, ден кога повторно требаше да се одигра претставата Нашиот клас…

За жал, четиринаесет дена од последната закажана изведба на претставата, која не се одигра бидејќи јавноста не беше информирана за репертоарот на театарот, претставата по втор пат е откажана. Оправданието повторно е дека „немало продадени билети“, а информации за изведбата повторно немаше објавено на ниту еден информативен медиум.

Одговорност за оваа состојба повторно не презема никој. Директорот за овие две недели откако актерскиот колектив изрази јавен револт, не издвои ниту пет минути од своето „драгоцено“ време да поразговара со нас, ниту почувствува потреба да ни објасни зашто ни се случува ваков „дебакл“ со продажбата на билети, ниту пак почуствува одговорност пред колективот да ги образложи причините за игнорирање и непреземање маркетинг активности.

Поради овие причини одлучивме повторно да му се обратиме на овој начин и да му порачаме дека со пуштање реклама на еден сајт седум часа пред претставата не се продаваат билети и полнат сали, а доколку продолжи со игнорирање на проблемот ќе бидеме принудени да превземеме други чекори за решавање на истиот согласно статутот на ТДМ и да се обратиме до повисоки инстанци со цел да конечно да се детектира одговорноста за настанатата ситуација“, напишаа актерите на своите фејсбук профили.

Братислав Димитров беше назначен за директор на Театарот за деца и млади пред десетина месеци и веднаш по доаѓањето рече дека претставите на режисерот Милчин биле „мрачни“ и не носеле доволно публика. Тој на пошироката јавност и’ е познат како истаканат член на ГДОМ.

А.Б.