Биби и Боби ќе го добијат својот прв долгометражен анимиран филм

Од:

Биби и Боби, јунаците од „Светот на Биби“ ќе го добијат својот прв долгометражен анимиран филм „Златната Пеперутка“ во режија на Гоце Цветановски. „Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство, сместена во волшебна џунгла каде што нашите јунаци се соочуваат со предизвици, опасности – и важни животни избори.

Проектот насловен „Златната Пеперутка“ на Цветановски е селектиран за учество на реномираниот Анимациски форум за Централна и Источна Европа (CEE Animation Forum 2025), кој ќе се одржи во Плзењ, Чешка, од 4 до 6 ноември 2025 година.

Проектот ќе учествува во натпреварувачката програма на форумот, и е ко-продукција на Светот на Биби и продукциската компанија на Цветановски, Македонска Крепост.

Според режисерот, оваа селекција е уште едно признание за успехот на „Светот на Биби“, најпопуларниот детски бренд во Македонија со повеќе од 120 милиони прегледи на „Јутуб“ и ТВ прикажувања во шест држави во регионот.

– Голема чест ни е што сме дел од оваа силна селекција. „Златнaтa Пеперутка“ е повеќе од филм – тоа е приказна за одговорноста кон природата, но и за надежта дека преку уметноста можеме да ги поврземе различните култури. Веќе работиме со неколку меѓународни партнери, чии имиња наскоро ќе ги објавиме, посочува Цветановски.

CEE Animation Forum е водечка европска платформа за презентација, финансирање и копродукција на анимирани проекти. На 13-тото издание, од рекордни 199 пријави, „Златната Пеперутка“ е еден од шесте долгометражни анимирани филмови, кои ќе се натпреваруваат за над 50.000 евра во парични и непарични награди, како и за учество на специјализирани тренинг програми, пазарни презентации и еден-на-еден средби со водечки европски продуценти, дистрибутери и телевизии.

Цветановски во моментов е актуелен со „Јон Вардар против Галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм кој беше прикажан на дваесетина фестивали и сè уште патува низ светот, а со филмското деби „Бизнисот на задоволството“ освои 10 меѓународни награди.

Би можело да ве интересира

Италијанска премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Cartoons on the Bay во Пескара