Балетската претстава „14 часа“ во Велешкиот театар

Од:

Хит претставата „14 часа“ на националниот балет при Македонската опера и балет од Скопје во петок вечер ќе биде изведена на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Како што појасни на денешната прес конференција уметничкиот директор Васил Зафирчев, тоа е шеесетминутна современа балетска претстава која преку ликовите Лили и Марк, во 12 сцени ќе ги разработи женско-машките односи.

Претставата е инспирирана од авторското изведувачко дуо Александра Мијалкова и Васил Чишијашвили, а во неа ќе учествуваат и сите првенци и солисти на Македонската опера и балет.

– Ова е една од најизведуваните претстави на балетот и со неа националниот балет гостуваше во многу земји, во Европа и светот, што е плус да ја видат нашите сограѓани, потенцира Зафирчев.

Претставата е работена според музиката на Кирил Џајковски, кореографијата и сценографијата е на нашиот светски познат современ играч и кореограф Игор Киров. Режијата и либретото се на Наташа Поплавска, а костимографијата е на Александар Ношпал.