Албум на Симон Трпчески со концерти од Сен-Санс номиниран за меѓународната награда за класична музика – ICMA

Од:

Новиот албум со концерти од Камиј Сен-Санс на нашиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески и Кралскиот шкотски национален оркестар, под диригентство на Томас Сондергард од Данска, е номиниран за меѓународната награда за класична музика (ICMA) за 2027, за најдобро концертно издание.

„КултурОп“ соопшти дека меѓу номинираните за меѓународните награди за класична музика, со кои им се оддава признание на најдобрите музичари и музички изданија, се голем број реномирани солисти, ансамбли, диригенти и оркестри, како и многу млади музичари, од кои голем дел се номинирани првпат.

-Во 16 категории се номинирани околу 350 аудио и видеоизданија, објавени од стотина издавачки куќи од Европа, Азија и Северна Америка. За едно издание да биде номинирано, потребно е да биде предложено од најмалку двајца членови на жирито. Издавачки куќи со најголем број номинации се Alpha, Naxos, Harmonia Mundi и Pentatone.
Изданието на Linn Records, на кое нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески е обединет со данскиот диригент Томас Сондергард и Кралскиот шкотски национален оркестар, во изведбата во живо на два концерта за пијано и оркестар од Камиј Сен-Санс, ја понесе номинацијата за најдобро концертно издание – информира „КултурОп“.

Станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и јуни 2024 година во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на ЦД-изданието е искористено делото „Пејзаж“ на нашиот ликовен уметник Славчо Спировски.

-Голем број авторитетни светски медиуми со суперлативи го оценија ова издание, на кое елитната екипа ги изведува Концертот број 2 и Концертот број 5 – „Египетски“ на познатиот француски композитор. Ним деновиве им се приклучи и реномираната германска критичарка на „Пијано њуз“ и списанието за камерна музика „Енсембле“, Изабел Федрици, која во својата рецензија подвлекува дека со ова издание „македонскиот пијанист Симон Трпчески претставува уште еден импресивен доказ за својата совршена техника, брилијантност и музикалност“, оценувајќи го со највисока оценка и означувајќи го како „инспиративна и револуционерна снимка“, се наведува во соопштението.

Би можело да ве интересира

Трпчески од Рим: Сесловенските просветители ширеле благородна мисија онака како што и музиката тоа го прави

А1он