Дескоска: Нотарите и извршителите ќе поднесуваат анкетен лист за имотна состојба

Од:

Нов состав на Антикорупциска комисија, се прошируваат надлежностите на комисијата, и се менуваат условите за именување претседател и членови на ДКСК, со новите измени на законот за спречување на корупцијата, кој денеска го презентираше министерката за правда, Рената Дескоска.

„Се прецизираат и зголемуваат надлежностите на Антикорупциска комисија, која ќе биде надлежна да го следи финансирањето на партиите. Во случај на сомневање за незаконито финансирање по соспствена иницијатива ДКСК ќе презема мерки за утврдување на фактичка состојба, рече Дескоска.

Со законот е предвидена и годишна контрола на имотната состојба на претседателот и членовите на ДКСК. А се проширува и кругот на лица кои ќе поднесуваат анкетен лист до ДКСК.

„Покрај сите избрани и именувани, одговорни лица во јавни претпријатија, се предвидува и нотарите и извршителите да поднесуваат анкетен лист до ДКСК и УЈП и изјава за откажување од банкарска тајна“ додаде Дескоска.

Измените на законот се на јавна дебата, а министерката очекува што поскоро законот да се пушти во собраниска процедура.

Галена Николовска-Ризвановиќ