Македонија и Косово бараат решение за зголемените царини

Од:

Во насока на решавање на проблемот со воведените зголемени царини од страна на Косово, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, е во постојана комуникација со ресорните министри од Косово и од регионот.

Владата прави се за да не дојде во ситуација да воведуваме контра – мерки како одговор на постапката на Косово. Очекуваме, Владата на Косово да ја повлече донесената мерка со што ќе го надминеме спорот. Во среда ќе има и заедничка средба на сите ресорни министри од регионот на која како претставник од Македонија ќе биде министерот Николовски. На средбата ќе се бара заеднички модел како да се надмине овој проблем со Косово.

Исто така, доколку не се надмине проблемот во среда, веќе во тек на наредните денови министрите за земјоделство Љупчо Николовски и за економија Крешник Бектеши, ќе се сретнат и со нивните колеги – косовските ресорни министри, на средбата ќе се бара начин за надминување на ситуацијата. Целта е Укинување на одлуката и овозможување на брз проток на стоки и услуги како и трговска размена помеѓу двете земји. Очекуваме да се постигне соодветен договор, во кои нема да има незадовлони страни и кој ќе биде од интерес на сите.

Минатата недела Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и Министерството за економија, испратија допис до ЦЕФТА, Европската унија и до Владата на Косово, со кое се бара повлекување на одлуката на Косово за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. Доколку и покрај сите напори и средби кои престојат Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство.