Комеморативна седница по повод смртта на легендата на маркетингот Иво Лауренчиќ

Од:

Големите луѓе не умираат, тие заминуваат оставајќи неизбришливи траги зад себе. Иво ќе остане вечно со нас преку она што ни го остави, беше истакнато на денешната комеморативна седница по повод смртта на легендата на македонскиот и регионалниот маркетинг Иво Лауренчиќ.

Неговите пријатели кои денеска му одадоа последна почит истакнаа дека имале чест да соработуваат со човек полн со оптимизам кој го сакал животот, кој знаел и невозможното да го направи возможно, кој несебично го делел своето знаење и вештини со сите останати.

– Утре можеби ќе се родат поенергични, покреативни од нас, но, биди сигурен дека остави траен печат на она што ќе се случува по тебе. Тоа е привилегија само на големите луѓе. Иво правеше кампања за боите на мојата земја, за македонскиот јазик Кирилица, за врвот од Македонија, велејќи во секоја прилика дека човек треба да ја почитува и сака земјата во која живее и создава оставајќи зад себе дела со кои ќе се гордееме. Ти направи од нас горди Македонци, рече Светозар Јаневски, на чија покана Лауренчиќ пред 20 години дојде во Македонија.

Неговата сопруга Ангелка Пеева – Лауренчиќ најави дека ќе формира фондација за млади креативни кадри.

– Денеска ќе направиме фондација за поддршка на млади креативни кадри во Македонија. Ќе се вика Иво Лауренчиќ, а твоите пријатели со своите потписи ќе дадат поддршка за неа. Иво не сакаше тишина и тага, туку насмевка и аплауз, истакна Пеева-Лауренчиќ.

Актерот Сенко Велинов, кој глумеше во театарската претстава „Кутрите мали хрчки“ направена на иницијатива на Лауренчиќ, рече дека со него сите работи биле за првпат.

– Кутрите млади хрчки е првиот и засега единствениот приватен проект којшто бил толку голем и обемен. Тој е единствен и по тоа што на премиерата првпат беа присутни цела Влада и цела опозиција. Првпат Бајага правеше музика за претставата и по тоа со Иструктори свиреа во фоајето, нагласи Велинов.

Неговите соработници од поранешна Југославија рекоа дека од него научиле многу за животот и за позитивниот пристап кон работите.

– Тој имаше моќ да ги поврзува луѓето на еден креативен начин, потенцира Велибор Золак од Црна Гора.

Легендата на македонскиот и регионалниот маркетинг и претседател и креативен директор на рекламната агенција „Идеа плус“ почина во понеделникот по долго и тешко боледување.

Во својата кариера создаде над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија. Повеќето негови дела добија антологиски карактер и денес се пример за врвни достигнувања.

Роден е 1947 година во Шибеник, завршил Филмска академија во Белград, бил директор на Втората програма на РТВ Белград, работел на многу проекти, градејќи кариера како слободен филмски уметник. Снимал документарци, бил помошник-режисер на „Венецот на Петрија“, „Мајстори, мајстори“, „Сивиот дом“, „Грлом у Јагоде“… Со негов потпис беше и видео изразот за последната песна на Евровизија во поранешна Југославија, која во 1990 се одржа во Загреб. Паралелно се усовршувал за маркетинг, комерцијален и политички.

Во Македонија дојде пред 20 години на покана на тогашниот директор на Пивара Скопје Светозар Јаневски. Тука ја разви маркетинг-агенцијата „Идеја плус“, по урнекот на „Идеја плус“ од Белград која веќе успешно работеше во Србија. Набргу агенцијата стана школа за маркетинг во Македонија.

Лауренчиќ го осмисли и реализира серијалот од 1.060 емисии „Говорете македонски“ за Македонската телевизија. Беше и креатор и реализатор на кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица постојам“ која доби прва награда на фестивалот ФЕСТО во Хрватска.

Неговите соработници го опишуваат како бескомпромисен перфекционист, одличен и искрен пријател.